| | Sitemap | EN | SQ



УПАТСТВО ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ ПРИЈАВА НА ТРГОВСКА МАРКА

Постапката за признавање на правото на трговска марка се поведува со поднесување на пријава на трговска марка до Државниот завод за индустриска сопственост.

ПРИЈАВАТА НА ТРГОВСКА МАРКА МОРА ДА СОДРЖИ:

1) барање за признавање на правото на трговска марка - Об.ДЗИС ТМ-1 (барањето се поднесува во 3 примероци)

2) податоци за подносителот на пријавата

3) изглед на знакот за кој се бара заштита, и

4) список на стоките и услугите за кои се бара заштита

Образецот на барањето за признавање на право на трговска марка е достапен на веб страницата на Државниот завод за индустриска сопственост:

www.ippo.gov.mk – ПРАВА НА ИС(горе) - ТРГОВСКИ МАРКИ - ОБРАСЦИ - БАРАЊЕ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ТРГОВСКА МАРКА

УПАТСТВО ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Точка 1 – Подносител на пријавата

Како подносител на пријавата се запишува лицето (правно или физичко кое ќе биде носител на трговската марка), односно се наведува:

презимето, името и адресата за физичко лице односно фирмата и седиштето за правно лице

Точка 2 - Адреса за кореспонденција

Како адреса за кореспонденција се наведува:

-       презимето, името и адресата, односно фирмата и седиштето на подносителот на барањето доколку тој го поднесува барањето;

-       презимето, името и адресата на заедничкиот претставник, (ако има повеќе подносители на барањето, тие треба да изберат заеднички претставник);

-       податоци за застапникот ако барањето се поднесува преку застапник за индустриска сопственост

Точка 3 - Застапник

Застапник е лицето кое го застапува подносителот на пријавата во постапкатапред Заводот, (доколку подносителот назначи застапник). Застапникот треба да има положено испит за застапници за индустриска сопственост и треба да биде впишан во регистарот на застапници што го води Заводот. Доколку застапник не е назначен, ова поле останува празно.

Точка 4 (а) - Пријавата се поднесува за:

индивидуална трговска марка; колективна трговска марка или сертификатна трговска марка

СЕ ОДБИРА СООДВЕТНАТА ОПЦИЈА И СЕ ОБЕЛЕЖУВА соодветниот квадрат.

ОБЈАСНУВАЊЕ:

Трговска марка е индивидуална доколку подносител е едно правно или физичко лице (или повеќе), но тие не формираат здружение и немаат посебни правила за условите за користење на марката. Трговските марки во најголем процент се индивидуални.

Трговска марка е колективна доколку подносител на пријавата е здружение кое има посебен правилник за користење на марката – пр: знакот на Здружението на производители на месни и млечни производи

Трговска марка е сертификатна кога подносителот на пријавата пропишува посебни ПРАВИЛА за користење на трговската марка и дава дозвола за користење на тие што ги исполнуваат условите што тој ги пропишал.

Точка 4 (б) - Пријавата се поднесува за:               

- стоковна трговска марка (доколку се однесува на производи – види точка 8)

- услужна трговска марка (доколку се однесува на услуги – види точка 8)

СЕ ОДБИРА СООДВЕТНАТА ОПЦИЈА И СЕ ОБЕЛЕЖУВА соодветниот квадрат (во зависност од производите/услугите, трговската марка може да биде само стоковна, само услужна или и стоковна и услужна истовремено).

Изглед на знакот – Во соодветниот квадрат од десната страна со димензии (8 см х 8 см), се запишува зборот/зборовите, доколку знакот е вербален со обични букви. Ако знакот е фигуративен или тродимензионален, изгледот на знакот треба да се налепи на означеното место на образецот на барањето или да се внесе по електронски пат (NitroPDFProfessionalEnterprise 8).За тродимензионалниот знак, од приказот на знакот треба јасно да се види неговата тродимензионалност. Приказот на знакот не треба да содржи ®при поднесување на пријавата, бидејќи ® се додава дури откако правото на трговска марка ќе биде признаено.

Точка 5 - Податоци за знакот

Знакот може да биде вербален со стандардни букви или фигуративен или тродимензионален СЕ ИЗБИРА САМО ЕДНА ОПЦИЈА И СЕ ОЗНАЧУВА СООДВЕТНИОТ КВАДРАТ.

Знакот може да биде црно бел (во тој случај квадратот “во боја“ не се означува).

Ако знакот е во боја СЕ ОЗНАЧУВА СООДВЕТНИОТ КВАДРАТ и се набројуваат сите бои што се содржани на знакот. Вербалниот знак не може да биде во боја.

Точка - Транслитерација на знакот

Ако знакот или делови од знакот се напишани со букви кои не се кирилски,или броеви кои не се арапски, подносителот на пријавата на трговска марка може во пријавата да ја наведе транслитерацијата на знакот со кирилски букви или со арапски броеви. Пр: транслитерацијата на ANALGIN®е: АНАЛГИН;

Точка 7 - Превод на знакот

Подносителот на пријавата на трговска марка може во пријавата да го наведе преводот на знакот или неговите делови што имаат значење, а се напишани на јазик кој не е македонски. Пр: COLGATE TRIPLE ACTION, ќе биде: COLGATE ТРОЈНО ДЕЈСТВО. Зборот COLGATE®, кој нема значење на македонски јазик не се преведува.

Точка 8 - Назначување на броевите на класите и список на производи и услуги согласно Меѓународната (Ничанска) класификација

Трговската марка секогаш е во корелација со дејноста на подносителот на пријавата, односно со производите или услугите кои подносителот на пријавата ги обележува со пријавениот знак во прометот. Затоа во пријавата секогаш задолжително се наведуваат производите или услугите за кои (ќе) се користи пријавениот знак. Производите односно услугите треба да бидат распоредени и означени според Меѓународната класификација на производи и услуги и тоа така што прво се наведува бројот на класата, а потоа производите, односно услугите опфатени со таа класа, на следниот начин:

На пример, ако подносителот на пријавата произведува фармацевтски производи, знакот ќе го пријави за:

Класа 5: фармацевтски производи

За ресторани, пансиони или хотели:

Класа 43: услуги на обезбедување храна и пијалаци; привремено сместување

Доколку во образецот ДЗИС-ТМ1 недостасува простор во точката 8 се означува бројот на класата, а во прилог кон пријавата се доставува список на производи и услуги, во три примероци. Пр. Класа 12 (како во прилог)

ЗАБЕЛЕШКА: Редниот (МК) број и основниот број на производот/услугата не се наведуваат во списокот на производи/услуги при поднесување на пријавата.

10-тото издание на Меѓународната (Ничанска) класификација е достапно на:

ippo.gov.mk – БАЗИ НА ПОДАТОЦИ (десно) - Меѓународни бази на податоци – TMClass. На страницатаTMClass што ќе се отвори - горе десно се одбира МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК (мк), а потоа подолу под “Јазик“повторно се одбира МАКЕДОНСКИ (мк) – под “Пребарај термин“ се пишува со македонска поддршка (кирилица) производот или услугата што треба да се класифицира во соодветна класа (пр:парфем) и се кликнува “Пребарај“ :

 

 

Резултатите се добиваат во табела во која под “класа“ е означен бројот на класата од меѓународната класификација, а под “термин“ производот или услугата што се пребарува:

Се прикажуваат 1 - 8 од 8 резултати

 

 

Тоа во точка 8 од пријавата се запишува на следниот начин:

Класа 3: парфеми

За да се види целата содржина на класата 3, од полето “Пребарај термин“ се брише зборот “парфем“ и во полето “Класа (Ница)“ се запишува бројот 3 и се кликнува “Пребарај“ :

 

 

Содржината на сите класи може да се се добие ако во полето “Класа (Ница)“ се запише 1-45 и се кликне “Пребарај“ :

 

 

Точка 9 -Побарано првенство и основот

Униско првенство - Доколку подносителот пред поднесување на пријавата во Република Македонија поднел пријава во држава членка на Париската унија или СТО, може да побара да му се признае правото на првенство од првата пријава. Во тој случај се означува соодветниот квадрат и се наведува датумот, државата и бројот на првата пријава.

Саемско првенство– Доколку подносителот пред поднесување на пријавата во Република Македонија ги изложил производите /услугите обележани со пријавениот знак на некоја меѓународно признаена изложба (саем), може да побара да му се признае правото на првенство од првиот ден на излувањето на производите/услугите. Во тој случај на пријавата се означува соодветниот квадрат и се запишува името на изложбата (саемот) и датумот на првото изложување

Точка 10 - Прилози

За секој прилог што се поднесува со барањето, се означува соодветниот квадрат. Пример: доказ за платена такса – се обележува квадратот, а доказот се доставува во прилог.

Барањето го потпишува подносителот или неговиот застапник, односно заедничкиот претставник доколку има повеќе подносители. Ако подносителот е правно лице, кај потписот се наведува името на лицето кое го потпишало барањето и се става печат на правното лице.

ТАКСАТА ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВА на трговска марка се плаќа на СМЕТКАТА НА БУЏЕТОТ на Република Македонија:

- сметка: 100000000063095

- уплатна сметка: (840; шифра на општина; 03135)

- приходна шифра: 722320

Таксата за поднесување пријава на трговска марка изнесува:

  1. индивидуална трговска марка ако списокот на стоки или услуги опфаќа до три класи на меѓународна класификација на производи и услуги:

 600  денари

- ако списокот на стоки или услуги опфаќа повеќе од три класи на меѓународната класификација на производи и услуги, за секоја натамошна класа уште по:

100денари

  1. За пријава со која се бара заштита на колективна односно сертификатна марка::
 2.000 денари

Пријавата за трговска марка се поднесува по пошта на адресата на Заводот или непосредно, во архивата на Заводот.

Објавено на 07.07.2016 00:00:00