Изградбата на современ и ефикасен пазар сам по себе бара постојано присуство на пазарите на развиените земји, примена на меѓународните стандарди и фаќање на чекор со новините во светски рамки.
Државниот завод за индустриска сопственост спроведувајќи ги активностите во доменот на промовирањето и популаризацијата на индустриската сопственост, се афирмира како поттикнувач на креативниот дух, организира манифестации наградувајќи ги најуспешните креативци, обезбедува учество и афирмација на домашни пронајдоци на меѓународни изложби.
Изложбите и саемите се користат да се презентираат новите производи, тие се форум за претставување и проценка на нови идеи. Комерцијалните трансакции уште од дамнешни времиња ги поставија темелите на денешните модерни изложби и саеми кои сега имаат и едукативно-образовна компонента. Покрај контактите со потенцијалните купувачи и застапници ( вклучувајќи ги и директните продажби) многумина од тие што изложуваат ги користат саемите за да научат повеќе за соодветниот пазар и да соберат информации за конкуренцијата ( competitive intelligence) Светските изложби се повеќе се специјализираат и стануваат тематски конципирани, со што го пратат прогресот во различни земји за одредени теми и така прераснуваат во светски работилници на идеи.
Изложбите се секогаш вистински трговски претстави. Државниот завод за индустриска сопственост и покрај скромниот буџет , секогаш, посебно за вакви прилики подготвува видео презентации, уредување на изложбениот простор, разновиден промотивен рекламен материјал , брошури, постери, се планираат главните насоки за пратење на светските изложувачки трендови , интерактивни компјутерски техники со што се обезбедува и подобар визуелен ефект на самите експонати.
Државниот завод за индустриска сопственост секоја година организира учество на светски реномирани изложби каде се добиени преку стотина награди, дел златни и сребрени медали, признанија од владини институции, награди од светски асоцијации, а сето тоа пропратено со конференции за печатот и голем број на печатени информации во домашните и странски медиуми.
Незаобиколен дел од изложбите се и многубројните контакти со министри, директори на патентните заводи, градоначалници, претставници на кралски семејства. Како резултат на поволните критики во медиумите и добриот прием кај посетителите се појавува интерес за македонските пронајдоци а не изостануваат ниту понудите за соработка.
Во духот на мудроста светските изложби негуваат единствен пријателски натпревар помеѓу државите. Ваквите настани носат дружење кое се памети и се споменува во говорите на еминентни личности како лајт мотив за повторни средби.