Државниот завод за индустриска сопственост, денес, на 26 април го одбележува Светскиот ден на интелектуална сопственост. Со оглед на условите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, оваа година го одбележуваме без јавен настап.
Државниот завод за индустриска сопственост почитувајќи ги сите здравствени протоколи традиционално ја додели наградата „Патент на годината за 2020 година“ при што од потесниот избор беше избран пронајдокот на Димитрија Анѓелков од Кавадарци кој со неговиот тим измисли „Респираторна машина“.
Во рамки на доделување на наградата „Патент на годината за 2020 година“ доделени беа и признанија на иноваторите Борис Нешковски, за изумот „Интелигентен стап за навигација на слепи лица“ и на Драган Јованов за иновацијата „Агрофит тоник за мултиплекс склероза“.
Оваа година, денот на интелектуалната сопственост, за чиjа идејна организација е задолжена Светската организација за интелектуална сопственост, се одбележува во знакот на ,,IP и мали и средни претпријатија - Пренесување на вашите идеи на пазарот“.
Државниот завод за индустриска сопственост преку патентирање на тие идеи или производи овозможува посигурна положба на пазарот и јакнење на конкурентноста на претпријатијата секако и зголемување на пазарната вредност на малите и средни претпријатија и зголемување на можностите за профит.
Во таа насока, Државниот завод за индустриска сопственост постојано укажува дека малите и средни претпријатија треба да ја вреднуваат интелектуалната сопственост и да ја третираат како капитал. Според досегашното искуство вредноста на интелектуалната сопственост и нејзиниот потенцијал за зголемување на вредноста на претпријатието и остварувањето на поголем профит беше потценета од страна на малите и средни претпријатија. Затоа нашите заложби се во делот на јакнење на јавната свест и укажување дека независно дали станува збор за мали или средни претпријатија идејата од која произлегла дејноста треба да се заштити.
Ние како Државен завод за индустриска сопственост и во иднина ќе ги подржуваме, поттикнуваме и помагаме сите оние кои сакаат да го заштитат својот производ или идеја. Воедно и продолжуваме да ја зајакнуваме меѓу институционалната соработка преку која ги заштитуваме правата на интелектуална сопственост.