Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија е самостоен орган на државната управа надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост
Историјат
Автономното регулирање на заштитата на индустриската сопственост започнува по осамостојувањето на Република Македонија.
На 24.04.1992 година Министерството за развој ги презема надлежностите во врска со заштитата на индустриската сопственост и од тој датум може да се поднесуваат пријави за заштита на индустриската сопственост.
Првиот национален закон стапи на сила на 15.07.1993 година, а на 28.03.1994 година стапија на сила и подзаконските акти.
Република Македонија стана членка на Светската организација за интелектуална сопственост на 23.07.1993 година со поднесување на Декларација за прифаќање на претходно ратификуваните меѓународни конвенции и договори. Членувањето на Република Македонија во овие конвенции и договори датира од 08.09.1991 година, денот на осамостојувањето на државата.
Заводот за заштита на индустриската сопственост е основан на 01.12.1993 година, како орган во состав на Министерството за развој со својство на правно лице. Со донесувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа, институцијата продолжи да работи под назив Биро за заштита на индустриската сопственост, како орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице.
Во јуни 2002 година е донесен нов Закон за индустриската сопственост кој е во примена од 01.01.2004 година и е усогласен со меѓународните стандарди и основните принципи на Договорот за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост (ТРИПС Договорот) на Светската трговска организација и регулативата на Европската унија.
Со измените на Законот во март 2004 година е променет статусот и називот на институцијата во Државен завод за индустриска сопственост, кој станува управна организација со статус на самостоен орган на државната управа. Согласно одредбите од Законот се донесени и подзаконските акти. Законот е изменет и дополнет и во март 2006 година со што е извршено понатамошно успгласување со европската регулатива и зајакнување на мерките за заштита на правата од индустриска сопственост.
Надлежности на Државниот завод за индустриска сопственост
Државниот завод за индустриска сопственост:
- врши прием на пријави за признавање на перавата од индустриска сопственост;
- спроведува управна постапка за стекнување на правата од индустриска сопственост на територијата на Република Македонија;
- спроведува меѓународна постапка за признавање на правата од индустриска сопственост согласно меѓународните договори кон кои пристапила Република Македонија;
- Води регистри на пријави и стекнати права;
- Oбјавува во службено гласило податоци за пријавени и признаени права од индуистриска сопственост;
- Ги прави достапни до јавноста базите на податоци за признаени права од индустриска сопственост;
- Ја претставува државата во меѓународните, европските и регионалните организации за индустриска сопственост;
- Го следи развојот на меѓународната и европската регулатива и поведува иницијативи за усогласување на националната легислатива;
- Поведува иницијативи за ратификување на меѓународни договори од областа на индустриската сопственост;
- Дава информации за постапките за заштита на правата од индустриска сопственост во земјата и во странство;
- Дава услуги на пребарување во базите на податоци од областа на интелектуалната сопственост;
- Ја промовира заштитата на индустриската сопственост;
- Врши обука и спроведува испит за застапници од областа на индустриската сопственост.