| | Sitemap | EN | SQ



Господинот Беноа Батистели, претседател на Европската патентна организација, ја посети Република Македонија

 

Во периодот од 15 до 16 март 2012 година во официјална посета на Република Македонија и на Државниот завод за индустриска сопственост престојуваше четиричлена делегација предводена од претседателот Беноа Батистели, претседател на Европскиот завод за патенти и на Европската патентна организација. Во состав на делегацијата на претседателот беа: господинот Франсоа Режис Ханар, директор на одделот за соработка со државите членки, госпоѓата Мина Николова – Крес, одговорна за соработката со Република Македонија и господинот Жил Рекена, шеф на кабинетот на претседателот.

Делегацијата од Европскиот завод за патенти предводена од господинот Беноа Батистели во рамки на посетата оствари средби со заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Владимир Пешевски задолжен за економски прашања, со министерот за надворешни работи Никола Поповски и министерот за економија Валон Сарачини. Со оваа посета на Државниот завод за индустриска сопственост, којшто ја претставува Република Македонија во оваа организација, се заокружи низата од повеќе остварени средби.

Делегацијат имаше можност да се запознае со активностите кои државата ги презема на планот на афирмацијата, заштитата, спроведувањето на правата од индустриската сопственост и со стратешките документи и политики кои ги спроведува Владата, а се однесуваат на политиката за поттикнување на иновативниот капацитет на домашните субјекти.

На средбите беше ставен особен акцент на соработката на Република Македонија со Европскиот завод за патенти при што особен интерес двете страни покажаа за Проектот за машински превод на патентите на македонски јазик, при што беше заклучено дека со тоа ќе се олеснат бариерите на домашното стопанство, индустријата, научната и академска јавност во смисла на поедноставен пристап до техничка документација содржана во патентните пријави и документацијата со што се очекува да се придонесе кон јакнење на конкурентноста на домашната економија во целост.

Оваа посета претставува продолжување на процесот на досегашната одлична соработка на двете страни при што очекуваме интензивирање на активностите за соработка и во наредниот период.

20.03.2012