| | Sitemap | EN | SQ



Светски дена на интелектуална сопственост – 26 април 2013 година

Wolrd Intellectual proerty dayСветски дена на интелектуална сопственост – 26 април 2013 година.
Во насока на афирмирање на правата од интелектуална сопстеност, истакнување на нивната значајна улога во процесот на развојот и интегрирањето на современата наука и култура во светскиот амбиент на вредности и јакнењето и поттикнувањето на свеста за заштита на правата, Државниот завод за индустриска сопственост по повод одбележувањето на 26 април, Светскиот ден на интелектуалната сопственост, ја пренесува пораката на генералниот директор на Светската организација за интелектуална сопственост:

Порака од Генералниот Директор Франсис Гари

26 април е Светскиот ден на интелектуалната сопственост. Нашата овогодишна тема е Креативност – Следната генерација.
Креативноста е заедничка за целото човештво.
Без оглед кои сме, каде живееме, во кои околности се наоѓаме, ние сите имаме капацитет да создаваме. И токму таа човечка креативност и инвентивност е заслужна за подобрувањето на квалитетот на животот во секоја област: нашето здравство, нашиот транспорт, нашата конмуникација , нашата забава. Целта на интелектуалната сопственост е да се подобрат условите што го потпомагаат тој креативен и иновативен капацитет да цвета ширум светот.


Во последните 30 години целосно се измени начинот на кој човекот се изразува креативно. Луѓето денес создаваат на начин повозбудлив од кога и да е. Гледаме експлозија од содржини што ги создаваат корисниците и голем број луѓе што се поврзуваат – на пример, преку платформи за crowd-sourcing и отворени платформи за иновации – за да учествуваат во колективното создавање. Таквата креативна соработка отвора богати нови перспективи за човештвото.


Што ќе донесе следната генерација?

Иако е тешко да се предвиди иднината, ние всушност знаеме дека брзината на промените е зголемена по заслуга на новите генерации. И сега пред нас гледаме плејада на нови технологии со потенцијал фундаментално да го променат нашиот начин на живеење. Промената се случува се побрзо. Следната генерација ќе пристигне утре.
Развојот што следи во природните науки може да ги трансформира нашите животи. Информатичката технологија, молекуларната биологија, регенеративната медицина, па дури и технологиите како што е 3D печатењето се соединуваат во и околу природните науки за да генерираат извонреден потенцијал.


На Светскиот ден на интелектуалната сопственост ние ги поттикнуваме луѓето да размислат за улогата на интелектуалната сопственост во нашиот свет што се менува. Јас верувам дека има одредена генијалност во интелектуалната сопственост. Таа создава уникатен мотив за инвестирање во истражување и развој, во иновации и во културно творештво и создавање.
Како го прави тоа? Со тоа што создава механизам за купување, продавање и поделба на пристапот до придобивките од иновациите и културното творештво. Наш предизвик е да бидеме сигурни дека условите за таков пристап се правични и врамнотежени, така што придобивките ќе бидат широко распространети и така што ќе се негува вистински динамично, креативно глобално општество во кое следната генерација ќе цути.


Младите имаат капацитет да сонуваат на начин што го надминува капацитетот на постарите. Тие се иднината. Мојата порака до следната генерација на овој Светски ден на интелектуалната сопственост е: продолжете да создавате, продолжете да иновирате, и продолжете да размислувате за тоа како интелектуалната сопственост ќе ја оствари нејзината улога во идното општествено управување со креативноста и иновативноста.

 

26.04.2013