| | Sitemap | EN | SQ



Меѓународна изложба 44- MАКИНОВА 2023 и 21- ЕКОНОВА 2023

Во знак на долгогодишна соработка со Народна Техника и Сојузот на пронајдувачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ, претставници од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија земаа учество на меѓународната изложба за креативни творби и иновации 44-МАИНОВА и 21-ЕКОНОВА, која се одржа од 10-12 ноември 2023, во OСУ Ацо Русковски, општина Берово.

Изложбата се одвиваше под покровителство на Претседателот г-дин Стево Пендаровски, кој ги посети штандовите со пронајдоци, а на свечената манифестација за доделување на награди, им ги врачи наградите на победниците на изложбата.

На настанот се обрати и го отвори вицепремиерката на Република Северна Македонија г-ѓа Славица Грковска.

Целта на овој настан е да се стимулира креативноста и да се отвори патот кон создавање на нови пронајдоци и иновации.

На изложбата покрај пронајдувачи од нашата држава земаа учество и пронајдувачи од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Беа претставени извонредни пронајдоци на млади иноватори кои доаѓаат од основни и средни училишта и возрасни кои веќе имаат огромни искуства во оваа област. Тие успешно ги презентираа своите пронајдоци и научни истражувања и меѓусебно споделија свои размислувања и визии.

Заводот учествуваше во Оценувачката комисија во која се валоризираат пронајдоците според одредените критериуми и потоа во професионална арбитража се доделуваат наградите. По традиција Заводот доделува три награди- Дипломи со паричен износ од 5000 МКД.

На 11 ноември 2023 во посебна пригода се одржа предавањето на наградите на која се обратија претставници од значајни институции надлежни во областа.

На настанот имаше чест да се обрати на присутните Г-дин Блерим Идризи, директор на Државниот завод за индустриска сопственост и да ги предаде наградите во името на Заводот кои беа доделени во категоријата на млад инвентор.

- Младата инвенторка Ива Тодороска ја доби наградата за пронајдокот “Smart Home (Куќа на иднината)“;

- Наградата за пронајдокот “Тесла калем” беше доделена на тимот на младите инвентори Јована Цикарска и Мартин Сивевски;

- Младиот инвентор Филип Милевски ја доби наградата за пронајдокот “Моторизирана рака за прецизност”.

Во завршниот дел беа поделени и благодарници за учество на претставниците од институциите кои дадоа придонес во одржувањето на оваа значајна манифестација.

На 12 ноември 2023 година во рамките на оваа значајна изложба се одржа и многу значаен настан “Oтворање на школа за млади иноватори” која ќе го носи името на еминентен пронајдувач и автор на голем број на иновации и патенти проф др. Трпе Груевски, експерт во кибернетика, роботика и вештачка интелигенција кој бил и 15 години претседател на Сојузот на пронајдувачи.

Од Заводот беше дадена препорака пронајдувачите како можат да ги искористат правата од индустриска сопственост (патент, трговска марка и индустриски дизајн) со кои се додава вредност на пронајдокот, но и се даде насока дека можат да ги користат и базите на податоци со цел да се биде во тренд со најновите техничко-технолошки достигнувања.

 

 

 

13.11.2023


Галерија на слики