| | Sitemap | EN | SQ



Меморандум на соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“

Државниот завод за индустриска сопственост потпиша Меморандум на соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Потпишувањето на оваа меѓусебна соработка се јавува поради потребата за интензивирање на образованието од областа на интелектуалната сопственост како и јакнење на свеста и ефикасно спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост.


“ Овој Меморандум на соработка им овозможува на студентите на втор циклус студии како и на поранешните студенти од мастер студиите по право на интелектуална сопственост да волонтираат и изведуваат практична настава во Државниот завод за индустриска сопственост за да го унапредат својот натамошен и професионален развој. Ова волонтирање на студентите ќе им помогне стручно да го усовршат своето знаење преку реални случувања и помош од вработените во ДЗИС“, изјави Горан Герасимовски директор на ДЗИС.


Герасимовски исто така истакна дека студентите кои ќе волонтираат во Државниот завод за индустриска сопственост ќе посетуваат обуки и образовни и апликативни проекти во рамките на активностите на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), Заводот за интелектуална сопственост на Европската унија (EUIPO), Европскиот патентен завод (EPO) и нивните академии, како и други национални и меѓународни организации и институции.


Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски, истакна дека Меморандумот на соработка вклучува соработка на полето на едукација, обука, давање на експертска помош при изработка и реализација на одредени проекти, придонес во објавување на стручни и научни трудови, анализи, предлози, како и други форми на размена на знаење и искуство во насока на истражување и развој од заеднички интерес.


„Ова е вистинска поволност како за студентите од вториот циклус студии така и за поранешните студенти на мастер студиите по право на интелектуална сопственост да работат под надзор и раководство на одговорни лица и да разменат искуства со вработените во ДЗИС. При практичната настава ќе се унапреди дејноста и ќе се усовршат кадри од областа на правото на интелектуална сопственост и сродните области“, изјави Георгиевски.


Меморандумот на соработка меѓу двете институции вклучува и учество на стручни кадри од ДЗИС во наставниот процес односно предавање на Правниот факултет во насока на соработка и реализацијата на наставно-научниот процес. Целта е да се зголеми и унапреди високообразовната научно-истражувачка и апликативна дејност.

26.07.2021


Галерија на слики