| | Sitemap | EN | SQ
Постапка на испитување и признавање на индустриски дизајн

Ако пријавата на денот на поднесување ја има содржината предвидена во член 99 од Законот, тогаш датумот на поднесување ќе биде еднаков со датумот на пријавување. Доколку има недостатоци, а подносителот ги отстрани, како датум на поднесување ќе се смета датумот на прием на уредна пријава по која постапил подносителот согласно известувањето, во смисла на членот 99 став (1) од Законот.

Ако подносителот во предвидениот рок не ги отстрани недостатоците, пријавата со заклучок ќе се отфрли
По уписот на пријавата во регистарот на пријави на индустриски дизајн, пријавата формално се испитува. Ако пријавата е уредна, се испитуваат условите за признавање на правото.

Ако индустрискиот дизајн не може да се признае поради некои од причините наведени во членот 86 (апсолутни причини), Заводот донесува решение за целосно или делумно одбивање на пријавата. Ако пријавата на индустриски дизајн ги исполнува условите предвидени со Законот, и ако се платени трошоците за објавување, податоците од пријавата се објавуваат во службеното гласило на Заводот.
Приговор на објавена пријава за индустриски дизајн (регулиран во член 108 од Законот), се поднесува во рок од 90 дена од денот на објавувањето.

Заводот го испитува приговорот и одлучува по приговорот согласно одредбите од Законот (член 109 и 110).

Доколку причините предвидени во член 86 и 87 став (1) од Законот не претставуваат пречка за признавање на правото и доколку се платени пропишаните такси за првиот петгодишен период, трошоците за објавување на индустрискиот дизајн во службеното гласило на Заводот и трошоците за издавање исправа за индустриски дизајн, Заводот донесува решение за признавање на правото на индустриски дизајн и признаеното право го запишува во Регистарот за индустриски дизајни.

Датумот за упис на индустрискиот дизајн во регистар е ист со датумот на донесување на решението за признавање на индустрискиот дизајн.

Податоците за индустрискиот дизајн се објавуваат во службеното гласило на Заводот, во рок од 90 дена од датумот на запишување на индустрискиот дизајн во регистарот за дизајни.

На носителот на индустрискиот дизајн, Заводот му издава исправа најдоцна во рок од шест месеци од датумот на донесувањето на решението за признавање на правото на индустрискиот дизајн.

Содржината на исправата за индустриски дизајн е утврдена со Правилникот за индустриски дизајн.

 

Објавено на 02.09.2013