Специфичноста на управната постапка за заштита на правата од индустриска сопственост ја наметнува потребата од посебни познавања од оваа област што бара висок степен на едуцираност на застапникот и познавање на домашното, странското и меѓународното право.
Основната задача на застапникот во областа на индустриската сопственост е нудење професионални услуги на заинтересираните лица. Странските правни и физички лица не можат да се појават како странки во постапката пред Заводот и пред органите на државна управа, но тие своите права ги остваруваат преку полномошник кој е домашно физичко или правно лице регистрирано за застапување во областа на индустриската сопственост.
Посебно е значајна улогата на застапниците при водење постапка за заштита на правата од индустриска сопственост пред судовите. Стручното застапување на странките претставува своевиден придонес за зголемување на ефикасноста на судската заштита воопшто.
Заради достапност на заинтересираните лица, податоците за регистрираните застапници се објавуваат на веб страницата на Заводот, се доставуваат до заинтересираните странки со што се прави еден вид нивно промовирање.
Согласно Законот и Правилникот, Заводот организира стручен испит за застапници за заштита на правата од индустриска сопственост. Во 2005 година се организираше еден стручен испит за застапници за заштита на правата од индустриска сопственост. Испитот го положија 15 лица од кои 10 дипломирани правници и 5 дипломирани инженери. Со ова, вкупниот бројот лица што го положиле стручниот испит за застапници односно лица на кои им е признат специјалистичкиот испит според евиденцијата која ја води Државниот завод за индустриска сопственост е 234 лица.