| | Sitemap | EN | SQ



Заштита на македонскиот рубин
Денес, директорот на ДЗИС, г-дин Ељјеса Незири доби посебна благодарност од министерката за енергетика, рудници и екстракција на минерали, Сања Божиновска, за поддршката што ја даде во процесот на заштита на македонскиот рубин, кој е национален полускапоцен камен. Таа нагласи дека овој чекор претставува историски момент за зачувување и афирмација на природното и минералното наследство на земјата.
„Би сакала да му се заблагодарам на директорот Ељјеса Незири за одличната институционална соработка и посветеност што ја покажа во текот на целиот процес на заштита на македонскиот рубин. Поддршката на ДЗИС беше клучна за успешното завршување на оваа иницијатива од особено национално значење“, изјави министерката Божиновска.
Таа додаде дека официјалната заштита на македонскиот рубин како национален полускапоцен камен е резултат на заедничка работа и координација меѓу институциите. „Овој успех докажува дека кога институциите соработуваат со визија и одговорност, успеваме да ги заштитиме и промовираме нашите автентични вредности за денешните и идните генерации“, заклучи Божиновска.
Директорот Незири, оцени дека официјалната заштита на македонскиот рубин како национален полускапоцен камен претставува важно достигнување за државата и за зачувувањето на нејзиното природно наследство.
„За ДЗИС беше чест и одговорност да го даде својот придонес во овој процес од национално значење. Македонскиот рубин е уникатно богатство кое заслужува институционална заштита и достојна промоција. Им се заблагодарувам на Министерството за енергетика, рудници и минерални ресурси, како и на министерката Сања Божиновска за одличната соработка. Овој успех докажува дека преку заедничка посветеност можеме да ги заштитиме автентичните вредности што ја разликуваат нашата земја“, изјави Незири.

18.06.2026


Галерија на слики