| | Sitemap | EN | SQ



Регионална TAIEX работилница за криминалот во областа на интелектуалната сопственост

Во рамките на TAIEX инструментот за поддршка на Европската комисија, во соработка со Државниот завод за индустриска сопственост, на 30 и 31 мај 2013 година, во Скопје, се одржа Регионална TAIEX работилница на тема “Криминалот во областа на интелектуалната сопственост”. На работилницата учествуваа вкупно 111 претставници од институциите во регионот, вклучени во системот на заштитата на правата на интелектуална сопственост, од кои 75 претставници од Република Македонија и 36 претставници од странство.

За работилницата беа ангажирани еминентни експерти од ИНТЕРПОЛ, ЕУРОПОЛ, Заводот за патенти и трговски марки на Данска, Инстиутот за безбедност на фармацевтските производи, Институтот за трговија на Велика Британија, Финансиската полиција на Италија и Царинската управа на Холандија.

Целта на работилницата беше разгледување на проблемот со организираниот криминал во областа на интелектуалната сопственост во меѓународен контекст и поттикнување на соработката помеѓу надлежните институции во регионот и пошироко.

Посебен акцент беше ставен на следењето на каналите за фалсификување и пиратерија, справувањето со “пирамида за фалсификување”, трговијата со фалсификувани лекови преку Интернет, меѓународната соработка и подигнувањето на свеста на потрошувачите за здравствените ризици и заканите за нивната безбедност.

Одржувањето на работилницата ќе придонесе за унапредување на меѓусебната соработка на институциите во регионот и за подигнување на степенот на заштита на правата на интелектуална сопственост во согласност со европските и меѓународните стандарди.

 

 

 

10.06.2013