И оваа година Државниот завод за индустриска сопственост зеде учество на 46 – та “Меѓународна изложба на иновации и пронајдоци – МАКИНОВА” и 23 – та “ЕКОНОВА 2025”, која традиционално ја организира Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ, која се одржа на 05-07 декември, во средното стручно општинско училиште “Киро Спанџов Брко”, Кавадарци.
Изложбата се одвиваше под покровителство на Претседателот на РСМ, г- ѓа Гордана Силјановска Давкова, а во присуство на министерката за наука и образование, г- ѓа Весна Јаневска, која со посебен интерес ги посети штандовите и разговараше со учесниците за нивните иновативни творби и во нејзиното обраќање упати порака на младите пронајдувачи да го продолжат патот со континуирано учење и создавање на нови пронајдоци.
Со оваа синергија меѓу Заводот, СПАТУМ и Народна Техника целта беше остварена, а тоа е да се стимулира креативноста кај младите научници како и кај возрасните иноватори кои се длабоко навлезени во сегментот на иноваторството, во создавање на нови производи и технологии со додадена вредност.
Заводот и оваа година учествуваше со свој претставник во оценувачката комисија на изложбата, г- ѓа Ирена Данева, во која се избираа пронајдоци според одредени критериуми, за потоа во заедничка арбитража со другите членови од комисијата да ги доделат наградите.
Заводот додели пет награди, во форма на дипломи со паричен износ од 5000 МКД, во категориите пријавен патент и млад пронајдувач.
-Во категоријата пријавен патент наградата беше доделена на пронајдувачот Димитрија Ангелков за пронајдокот “Биокомпостар”.
-Во категоријата млад иноватор, оваа година Заводот додели четири награди, и тоа:
- Пронајдувачките Миа Ефтимова и Бојана Гавевска ја добија наградата за млад иноватор за пронајдокот “Arduino автомобил контолиран со мобилна апликација”;
-Пронајдувачите Бојан Јанев и Драган Настов ја добија наградата за млад иноватор за пронајдокот “Пневматика и автоматика”;
-Младата пронајдувачка Клара Кузев ја доби награта за млад иноватор за пронајдокот “Слатка машина”;
-За пронајдокот “Производен процес со цртање или пишување и сечење на материјалот” пронајдувачот Наум Смилевски ја доби наградата за млад иноватор.
Во завршниот дел беа поделени и благодарници за учество на претставниците од институциите кои дадоа придонес во одржувањето на оваа значајна манифестација.