По повод 26 април -Денот на интелектуалната сопственост, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост учествуваа на панел дискусијата, на тема „Заштита на интелектуалната сопственост во дигиталната ера“, организирана од страна на ДЗИС, Europe House Струмица заедно со Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
Панел дискусијата ја отвори Проф. д-р. Олга Кошевалиска, Декан на Правниот факултет, која говореше за почетоците и развојот на интелектуалната сопственост во рамките на Правниот факултет како и сите други активности кои се организирани од нивна страна.
Учесниците на панел дискусијата дискутираа за разликите помеѓу интелектуалната и индустриската сопственост, компарацијата помеѓу правото на патент во европскиот и американскиот систем на заштита, важноста на заштитата како и придобивките од заштитата на пронајдокот со патент. Понатаму на дискусијата се говореше за постапката на заштита на трговската марка како и предностите и придобивките од меѓународното поднесување на пријава на трговска марка и нејзината заштита. Особен акцент се стави на значењето и докажувањето на добропознатост на трговските марки во европските земји и во Република Северна Македонија.
Како заклучок беше истакната потребата од понатамошна соработка на Државниот завод за индустриска сопственост со Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со цел да се подигне свеста и потребата од интелектуалната сопственост како и поголема промоција на истата и запознавањето со придобивките од нејзината заштита.
Од страна на ДЗИС, учествуваа Али Асани и Далила Јармова како панелисти и Соња Змејкоска и Маргарита Мирческа Десовска како учесници на панел дискусијата.