Во знак на долгогодишна соработка со Народна Техника и Сојузот на пронајдувачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ, претставници од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија земаа учество на 45 Меѓународна изложба на иновации и пронајдоци МАКИНОВА и 22 ЕКОНОВА 2024, која се одржа од 8-10 ноември, во средното стручно општинско училиште “Коле Неделковски”, Велес.
Манифестацијата се одвиваше под покровителство на Претседателот на РСМ, г- ѓа Гордана Силјановска Дафкова која во отварањето се обрати со поздравен говор, а во присуство на Претседателот на Владата на РСМ, г- дин Христијан Мицковски, кои во целост ги оправдаа очекувањата и го афирмираа високото ниво на уникатен настан од сферата на техничко- технолошките иновации.
Делегацијата од ДЗИС беше предводена од директорот на Заводот, г- дин Ељјеса Незир и г- дин Али Асани. Традиционално, Заводот учествуваше со претставник од Заводот - г-ѓа Ирена Данева, во Оценувачката комисија на изложбата, во која се избирааа пронајдоци според одредените критериуми и потоа во професионална арбитража со сите членови од комисијата се доделија наградите.
Сижето на структурната поставка на оваа МАКИНОВА и ЕКОНОВА, во својот говор Премиерот Мицковски најдобро ја долови. Во говорот тој посебно им се обрати на младите пронајдувачи, во сет стимулативни реченици даде насоки за понатамошни успеси, верба во работата и посебно ја потенцираше ангажираноста на најупорните за кои рече дека на крајот им е загарантиран успех.
На настанот присуствуваа и други еминентни гости од Владата и надлежните институции меѓу кои, г- дин Александар Николовски, Вицепремиер и министер за транспорт, г-ѓа Весна Јаневска, Министер за образование и наука, кои од свој агол го презентираа нивното учество на овогодинешната МАКИНОВА и ЕКОНОВА, со заедничка оценка дека присуствуваат на реномиран настан од техничко- пронајдувачката област, кој ги има сите најпозитивни атрибути.
Заводот оваа година додели пет награди Дипломи со паричен износ од 5000 МКД во категорија на пријавен патент, жена иноватор и млад пронајдувач.
-Во категоријата пријавен патент наградата беше доделена на пронајдувачите Емилија Тошиќ и Нина Младеновиќ за пронајдокот “Постапка за одредување на драперливост на текстилни материјали со модел на вештачка интелигенција преку процесирање и анализа на слики и процесирање на природен јазик”.
-Во категоријата жена иноватор наградата и припадна на иноваторката Даниела Корчовска за пронајдокот “Жежено сирење со додатоци”.
Во категоријата млад иноватор оваа година Заводот додели три награди, и тоа:
- Пронајдувачот Мирче Дамјановски ја доби наградата за млад иноватор за пронајдокот “Апарати за гаснење на пожар”.
- Пронајдувачите Филип Милевски и Сердар Цветков се наградени со наградата за млад иноватор за пронајдокот “GLADe”.
- За пронајдокот “Очила за слепи луѓе со Al” пронајдувачката Јована Ацковска ја доби наградата за млад иноватор.
Во завршниот дел беа поделени и благодарници за учество на претставниците од институциите кои дадоа придонес во одржувањето на оваа значајна манифестација.